Никола Митревски и во следните две сезони ќе биде задолжен за мрежата на Порто. Актуелниот португалски тим на својата официјална страница потврди дека македонскиот репрезентативец останува до 2024 година. Раководството на клубот без дилеми му понуди нова соработка, Митревски оваа сезона имаше значајна улога во победите на Порто.
„Многу сум среќен што ја продолжив соработката со Порто. Во Португалија освоивме се, во две првенства загубивме само еден натпревар, додека во Лигата на шампиони ја минавме групната фаза. Оваа сезона имавме многу тешка група, игравме против три од четирите екипи фајнл-фор завршницата. Јас сум презадоволен од она што го направивме во овие две години“, изјави Митревски за официјалната страница на Порто.
Репрезентативниот голман вели дека заедно пораснале, верува дека можат да испишат историја и да играат во четвртфиналето или фајнл-фор завршницата во Лигата на шампиони.
„Веќе пораснавме, добивме многу од натпревари против силните тимови, малку повеќе среќа во групната фаза можеме да направиме повеќе, да испишеме историја во клубот, да играме четвртфинале или фајналфор, што верувам дека е сон на секој играч. Сакам само да победувам, да продолжам да победувам и да го повторам тоа“, додаде Митревски.