Ништо од финале: Финска пресилна за нашите одбојкари

179

Македонската одбојкарска репрезентација загуби со 3:1 (25:22, 20:25, 25:18, 25:16) од селекцијата на Финска во полуфиналето на Европската сребрена лига. Подмладениот состав на Финска беше поконкретен и посмирен во текот на целиот меч и го искористи сите свои шанси за место во ново финале. Ние имавме свои моменти, но не и сили за пласман во утрешното финале.

Нашите одбојкари добро го отворија првиот сет. Влеговме мотивирано и успеавме да направиме разлика од 3 поени на стартот (7:4). Предноста успеавме да ја одржиме се до средината на сетот, кога и по некои чудни судиски одлуки, но и по наши технички грешки, Финците комплетно се вратија во игра, направија серија поени најпрво за израмнување, а во финишот на сетот и за моќна предност (21:17). Иако во неколку наврати дојдовме на минус 2, немавме решение за Јокела и Ханинен, кои на крајот и донесоа предност на Финска од 25:22 за водство од 1:0. Одлично го почнавме и вториот сет. Успеавме да направиме добра серија и да стигнеме до високи 5:1. Одличната партија продолжи со континуирано зголемување на предноста и до 13:6, по што финскиот селектор повика тајм-аут. Ние успеавме да ја одржиме разликата, но Финска се врати на минус два во завршницата (18:16) и повторно го воведе сетот во комплетна неизвесност. Но, за разлика од првиот сет, сега во финишот бевме извонредни, успеавме да ги искористиме нашите шанси и со одличната завршница на капитенот Ѓорѓиев и младиот Илиев, првата сет-топка за дојдеме до 25:20 за израмнување на 1:1.

Третиот сет почна со комплетна неизвесност. Финска имаше блага предност, но ние успевавме да се одржиме на еден до два поени негатива (9:11). Падот во играта на нашиот тим повторно се одрази и на резултатот во средината и завршницата на сетот. Финците влегоа во серија и дојдоа до високи 18:12. Во нашите редови имаше доста нервоза, па Финска само рутински го затвори сетот со 25:18 за водство од 2:1.

Четвртиот сет ја имаше истата динамика и неизвесност како и минатите три. Финска беше за нијанса подобра и скоро до средината на сетот имаше поен-два предност. Потоа следуваше серија поени за Финска и значително зголемување на предноста на 13:8. Иако се обидевме да возвратиме, Финците не дозволија изненадување. Го привршија сетот мирно и со 25:16 обезбедија финале во Среврената лига 2022.
ПретходноРенова ги распушти играчите и нема да игра во ПМФЛ!!!
СледноВоска и Беласица сега се најблиску до прва лига