Македонија не останува без медал: Одбојкарите освоија бронза во Сребрената лига

254

По среброто од минатата година, македонската одбојкарска репрезентација годинава освои бронзен медал на завршницата на Европската сребрена лига. Во исклучително неизвесен и тежок натпревар, нашите одбојкари по голема борба во пет сета стигнаа до победа над домаќинот на завршниот турнир, селекцијата на Унгарија со 3:2 (25:22, 18:25, 25:15, 19.25, 15:7).

Мечот го отворивме добро, имавме минимална предност која успешно ја одржувавме, но до средината на сетот Унгарците успеаја да дојдат до пресврт и предност од три поени (13:16). Ние со серија вративме за израмнување (16:16), а потоа влеговме со поен предност во завршницата, па со успешните реализации на Маџунков, Ѓорѓиев и Илиев направивме разлика за водство од 1:0.

Унгарците возвратија со одлична партија во вториот сет и успеаја да не остават без одговор. Ние повторно заблескавме во третиот сет каде успеавме да направиме голема предност уште на стартот, а потоа лесно го привршивме сетот во наша полза.

Четвртиот сет повторно наликуваше на оној вториот. Тесен почеток, но пад во играта во средината и загубен сет на крајот. Одлуката мораше да падне во последниот петти сет.

Во него момците на Ратко Павличевиќ одиграа перфектно. Фативме неколку блока, бевме безгрешни во нападот и ги оставивме Унгарците на само 7 реализирани поени. За Македонија ова е втора бронза од Европските лиги, нов медал (вкупно шести) по оној последен сребрен кој го освоивме минатата година во Струмица.

Со 28 реализации, Никола Ѓорѓиев беше најдобар поентер во нашата селекција и денеска, а одличен настап имаше и Стојан Илиев со 17 реализирани поени. 11 поени имаше зад името на средниот блокер Савовски, кој имаше и 4 реализирани поени од блок.

ПретходноЕкс “гипсарот“ Борха е нов член на Брегалница!
СледноЈавноста е поделена: Ова е дресот на Португалија за Мундијалот! (ФОТО)