Актуелниот македонски првак Вардар 1961 после долго време, поточно девет години во низа, следната сезона нема да настапува во Лигата на шампиони. ЕХФ и официјално потврди дека местото на „црвено-црните“ ќе му припадне на друг тим.
Од европската „куќа на ракометот“ повеќе немаат разбирање, ниту трпение за долговите кои Вардар 1961 ги има со години, чашата ја прели ненавремената исплата на задолжителниот депозит.
15 дена доцнење, чудно но вистинито беше предолг период за ЕХФ, кој се чини го занемари фактот дека Вардар е двократен освојувач на титулата во ЛШ, како и една од причините (порај македонската репрезентација) поради која ракометот е најуспешен спорт во нашата земја веќе долго време.
Плановите на раководството се распнаа како кула од карти. Она што се планираше за следната сезона станува веќе невозможна мисија.
Зошто?
Првиот проблем со кој ќе се соочи македонскиот првак се спонзорите. Голем дел од нив го поддржуваа клубот поради настапот во Лигата на шампионите, сакаа нивниот бренд да оди во европски рамки.
Ниту Михајло Михајловски, првиот човек на клубот во разговорот со СПОРТМЕДИА не криеше дека ова сценарио би можело да се случи.
Вториот проблем е играчкиот ростер. Со самиот факт дека Вардар 1961 нема да настапува во Лигата на шампионите, дел од ракометарите ќе сакаат да бараат нова средина, во која ќе имаат посилни мечеви, непотценувајќи ги противниците во домашниот шампионат.
Велиме, домашен шампионат. Зошто? СЕХА-лига по инвазијата на Русија врз Украина целосно запре. А според последните информации регионалното натпреварување во најскоро време нема ниту една искра надеж дека ќе се врати на сцена. Тука е јасно, Газпром е главниот спонзор, па се зависи од војната меѓу Русија и Украина.
Ова значи дека Вардар ќе стане просечен тим. Нема да има состав за европски рамки, средствата ќе бидат ограничени, особено ако партнерите (спонзорите) ги напуштат по оваа одлука на ЕХФ.
Проблемот на македонскиот првак може да се одрази и врз репрезентацијата. По доаѓањето на Михајловски на чело на клубот, неколку важни репрезентативни имиња дојдоа во тимот.
Филип Талески е еден од оние кои созреа токму минатата сезона, мечевите во Лигата на шампиони и тоа како го издигнаа на ниво кое сите го посакувавме. Тука се Гоце Георгиевски, Мартин Томовски и Марко Мишевски, играчи кои дефинитивно се важни за искуство во националниот тим.
Со еден збор кажано, Вардар 1961 ќе има само домашни обврски или целосен меѓународен мрак.