Некогашниот англиски фудбалски репрезентативец и ѕвезда на Манчестер Јунајтед, Вејн Руни објави дека повеќе нема да биде тренер на Дерби Каунти.
Англискиот клуб не успеа да опстане во Чемпионшип, пред се затоа што му беа одземени прво 12, а потоа уште девет бода поради прекршување на финансиските правила.
Клубот беше пред згаснување, но Руни и неговиот тим херојски ја доведоа сезоната до крај и малку им недостасуваше да стигнат до целта.
„Денеска бев во управата каде што ги информирав сите дека е време да го напуштам клубот. Се обидоа со се за да ја сменат мојата одлука, но јас веќе решив. Моето време во клубот беше вистински „тобоган“ од емоции, но морам да кажам дека уживав во предизвикот. Лично мислам дека клубот треба да го води некој со повеќе енергија, некој посвеж и некој кој не бил погоден од она што се случи во последните 18 месеци“, напиша Вејн Руни во изјавата.