Вардар 1961 го изгуби статусот во Лигата на шампиони. Информација која ги шокираше сите фанови на македонскиот првак, кој беше единствен претставник во ова натпреварување, но и воедно донесе многу радосни денови во Македонија.
Долгови кон поранешни членови од „златната“ генерација беа причина за да ЕХФ го елиминира Вардар 1961 од списокот на учесници за следната сезона.
Иако на почетокот се чинеше дека нема тужба, сепак СПОРТМЕДИА неофицијално дознава дека причината за лошата вест од европската „куќа“ на ракометот се двајца шпански ракометари.
Станува збор за Хорхе Македа и Жоан Кањелас, кој одлучиле по судски пат да си ги бараат парите кои македонскиот тим им ги должи. Кањелас го носеше дресот на Вардар две години од 2016 до 2018 година, додека пак Македа во Скопје беше три години, од 2015 до 2018 година.
Засега не е позната сумата која раководството на клубот ја должи кон двајцата шпански репрезентативци.
Првиот човек на Вардар 1961, Михајло Михајловски за СПОРТМЕДИА изјави дека задоцниле со уплатата, но парите веќе се на сметка на ЕХФ, дел чекаат да им бидат вратени за да ги расчистат и останатите долгови. Иако била понудена и банкарска гаранција, сепак ЕХФ не сакала да му попушти на македонскиот тим.
Ова е голем удар за Вардар 1961 бидејќи веќе девет години во низа редовно се натпреварува во Лигата на шампиони, во која е тешко да се добие место, а нашиот тим беше еден од привилегираните.
Каков ќе биде планот за новата сезона и со каков состав ќе настапува двокраниот освојувач ан европската титула ќе биде познато во понеделник за кого е закажана прес-конференција.
Она што веќе е познато е дека голем дел од странските засилувања ќе побараат раскин на договорот, бидејќи Вардар 1961 нема да игра во Лигата на шампиони, а под голем знак прашалник е СЕХА-лига, која засега поради руската инвазија во Украина е во мирување.