Бојан Миовски по две години во МТК одлучи кариерата да ја продолжи во Шкотска со тоа што потпиша за Абердин. Потписот доаѓа нецели две недели по првите два гола за репрезентацијата на Македонија и победата над Гибралтар.
Менаџерот на Абердин Џим Гудвин разговарал со македонскиот напаѓач и му кажал дека фановите од него очекуваат голови, но исто така се потруди да го симне притисокот врз новиот играч иако вели дека Миовски е тип кој не чувствува притисок.
„Бојан е играч каков што од февруари барав од раководството да биде донесен, кога седнав на клупата. Знам дека беше баран во јануарскиот преоден рок, но за среќа остана во МТК, па штом заврши сезоната побарав од раководството да проба да го ангажира.
Тој е многу мобилен фудбалер, атлетски добар и што е најважно е напаѓач кој има чувство за гол, поточно, има чувство да биде на вистинското место. А тоа што е млад и е веќе македонски репрезентативец, со селекција која за малку ќе играше на Светско првенство, мислам дека добивме извонредно засилување. Тој има огромен простор за развој, доаѓајќи сега очекувам да биде одличен во шкотското првенство. “, изјави Гудман за „Скотсман“.
Миовски доаѓа во клубот во кој менаџираше и Алекс Фергусон на почетокот на тренерската кариера. Абердин е и поранешен шкотски шампион. Јасно е дека Миовски ќе има сериозен предизвик пред себе, но тренерот уверува дека нема да има проблем околу приспособувањето.
„Мислам дека нема да има проблем со притисокот, тоа момче има извонреден карактер, голема самодоверба. Јасно е дека навивачите, а и јас очекуваме голови од него, меѓутоа најважно е да му дадеме поддршка и да го водиме напред.
А ангажманот на Миовски е вистински знак дека имаме амбиции. Потпишувањето на квалитетни играчи како овој се надевам дека ќе ги возбуди навивачите за следната сезона“, додаде Гудман.