Шкендија немоќна против Динамо – убедлив пораз на тест-мечот во Словенија

445

Екипата на Шкендија доживеа пораз од 3:0 од хрватскиот шампион Динамо Загреб на пријателскиот меч одигран во Лендава, Словенија. Ова е прв пораз за тетовските „црвено-црни“ откако претходно одиграа 1:1 со Ференцварош, 3:3 со Зрињски, а го победија Марибор со 1:0.
Тренерот Артим Шаќири го остави на клупата најновото засилување Влатко Стојановски, но одлучи да го стави во игра во второто полувреме. За Динамо од стартот играше капитенот Аријан Адеми, додека Стефан Ристовски играше во второто полувреме.

Гледано во целина, Динамо беше поквалитетен противник, тоа се гледа и од резултатот, а имаше уште неколку шанси за поубедлива победа. Фудбалерите на Шкендија се обидуваа со шутеви од далечина да го совладаат голманот на хрватскиот првак.

Во 16 минута „модрите“ изведоа одлична акција, Шпигиќ од лево уфрли на втората статива, ниту еден дефанзивец на Шкендија не успеа да расчисти, а Јосип Дрмиќ без проблем ја затресе мрежата.

Имаа тетовци три-четири удари од далечина кон голот на Динамо.
На пример шутот на Цаке беше изблокиран, а на Елези заврши над голот. Најубавата шанса во првиот дел ја имаше Аденис Шала кој се најде во супер позиција, но неговиот шут заврши покрај голот.

Во 53. минута беше 2:0. Петковиќ го пронајде Андриќ во нападот, а овој и покрај тоа што имаше чувар покрај себе успеа да избега и да го погоди голот на Захов.
Неколку минути после погодокот Динамо имаше шанса и за 3:0, но Мурати спаси од самата гол линија.

Во 74 минута Ваљмир Нафиу се избори за шут од косо на околу 13-14 метри, но неговиот удар го одбрани голманот на Динамо.
во 81 минута Бруно Петковиќ со одличен „лажњак“ се ослободи од еден дефанзивец на Шкендија и со шут од далечина ја смести топката во голот и го постави конечниот резултат.

По овој меч експедицијата се враќа во Тетово каде што ќе ги продолжи подготовките.

ПретходноГРК Охрид го претстави тимот за новата сезона
СледноНикола Ѓорѓев две години во Арау