Веќе неколку дена екипата на Струга Трим Лум е во “погон“. Се работи максимално во оваа прва фаза од летните подготовки, се тренира напорно а раководството на клубот е во потрага по нови имиња. Засега стружани се засилија со Бесарт Ибраими и Фатјон Јусуфи.
„Не криеме дека од искусниот напаѓач, најдобриот голгетер во историјата на ПМФЛ сите ние во Струга Трим Лум очекуваме многу, посебно ги очекуваме неговите голови. Бесарт Ибраими е класа за себе. Исто така и од Фатјон Јусуфи се очекува да го искаже својот квалитет во средниот ред. Во врска со трансферите не запираме тука, планираме ангажман на еден квалитетен голман и секако уште неколкумина, барем по еден во сите линии во тимот“ вели за „Спортмедиа“ стратегот на Струга ТЛ, Срѓан Захариевски.
Тој е задоволен од тоа како изминуваат првите денови од подготовките.
„Да, јас сум задоволен од тоа на кој начин нашите фудбалери ги одработуваат овие први денови. Не планираме да одиме некаде надвор од Струга, во околината има повеќе клубови кои се на подготовки и тоа ќе го искористиме да одиграме што повеќе пријателски. Засега договорени се средбите со Дрита Гњилане во среда и со Охрид на 9 јули“ изјави Захариевски.