Крстевски: Да го имавме целиот тим ќе беше поинаку! Шпанија и Украина се шанса за младите генерации!

220

Бојан Крстевски е еден од оние играчи кој неуморно е на служба на македонската кошаркарска репрезентација без разлика колку била тешка сезоната. Секогаш е подготвен да го даде максимумот, тој како и сите останати, сака да ја види Македонија во повисок ранг, да се вратат деновите на редовни учества на големи натпреварувања.

И Бојан жали што во овој циклус никогаш не беа комплетни, но истовремено е среќен што и помладите генерации ќе добијат шанса, која подоцна ќе биде од голема корист. Шпанија и Украина се последните противници во овие квалификации, желбата е да се покажат во најдобро светло.

„Веќе се навикнавме на ваква ситуација, затоа што никогаш досега не бевме комплетни, меѓутоа што е тука е, ова е шанса за некои од новите генерации да покажат што знаат и умеат. Нема да биде воопшто лесно против Шпанија и Украина, мора да се прикажеме во добро светло, а и за младите да стекнат некое искуство за иднина, а ние сме сите тука да им помогнеме. Имавме некои солидни моменти во овие квалификации, но не дојдовме до победа на крајот. Мислам дека тогаш пресуди скратената ротација, ако го имавме цел тим, можеше да биде поинаку“, смета Крстевски.

Искусниот центар смета дека Македонија има иднина, особено во репрезентацијата до 20 година, каде има квалитетни кошаркари.

„Младите се вклопуваат добро, за нив ова ќе биде одлично искуство. Гледам во сите голем потенцијал за иднината, исто и во У20 репрезентацијата, од таму имавме со нас во минатото лето неколку момци. Се наоѓаме на добар пат, добро е помладите да си фатат ритам уште од помлади години за да стекнат искуство, а за талент несомнено дека имаме“.

Македонија на први јули и гостува на Шпанија во Сарагоса, додека на 4. јули ја пречекува Украина.

ПретходноФудбалер од БиХ е победник на „Ѕвездите на Гранд“
СледноВалери Божинов ќе биде играч – тренер на тимот на Септември