Андреј Јакимовски по подолго време се врати во редовите на македонската кошаркарска репрезентација која на почетокот на јули го завршува првата фаза од квалификациите за место на СП 2023 година. Членот на Вашингтон Кугарс, поради обврските во НЦАА-лигата не можеше да биде дел од националниот тим.
Јакимовски е во редот на оние кошаркари кои допрва треба да бидат лидери, а ако се гледат сиот талент со кој располага Македонија, би можеле да се надеваме на многу подобри времиња.
„Конечно по долг период можам да играм за сенорскиот тим. Огромно задоволство е да се игра за репрезентацијата и тоа е предизвик. Немаме притисок, на нас ни останува да го дадеме најдоброто од себе и да го дадеме максимумот од себе, а за резултатите ќе видиме. Имаме доста млад тим, но мора да покажеме зошто сме тука. Резултатите можеби нема да ги видиме сега, но важно е сите помладите да почнеме од некаде и да градиме тим. Со актуелниот светски шампион ќе видиме до каде сме, првиот натпревар е против таа силна Шпанија, но ние нема предвреме да се предадеме“, ни изјави Јакимовски.
Македонската репрезентација во среда патува за Сарагоса, каде на први јули игра против Шпанија, три дена подоцна во Скопје ја пречекува Украина.