Јакимовски: Мора да почнеме од некаде, да градиме тим!

322

Андреј Јакимовски по подолго време се врати во редовите на македонската кошаркарска репрезентација која на почетокот на јули го завршува првата фаза од квалификациите за место на СП 2023 година. Членот на Вашингтон Кугарс, поради обврските во НЦАА-лигата не можеше да биде дел од националниот тим.

Јакимовски е во редот на оние кошаркари кои допрва треба да бидат лидери, а ако се гледат сиот талент со кој располага Македонија, би можеле да се надеваме на многу подобри времиња.

„Конечно по долг период можам да играм за сенорскиот тим. Огромно задоволство е да се игра за репрезентацијата и тоа е предизвик. Немаме притисок, на нас ни останува да го дадеме најдоброто од себе и да го дадеме максимумот од себе, а за резултатите ќе видиме. Имаме доста млад тим, но мора да покажеме зошто сме тука. Резултатите можеби нема да ги видиме сега, но важно е сите помладите да почнеме од некаде и да градиме тим. Со актуелниот светски шампион ќе видиме до каде сме, првиот натпревар е против таа силна Шпанија, но ние нема предвреме да се предадеме“, ни изјави Јакимовски.

Македонската репрезентација во среда патува за Сарагоса, каде на први јули игра против Шпанија, три дена подоцна во Скопје ја пречекува Украина.

ПретходноЛилард најави трансфер „бомба“ во НБА-лига?
СледноОдамна немал ваква мала плата: Герет Бејл во МЛС-лига ќе игра за симболична сума!