Македонската кошаркарска репрезентација има минимални шанси да се пласира во следната квалификациска фаза за место на СП 2023 година. Има четири порази во исто толку одиграни натпревари, а во јулискиот последен прозорец ја чекаат две тешки задачи. Против Шпанија на гостински терен и против Украина на домашен терен. Токму онаа мала надеж за место во следната фаза е Украина, победата не е недостижна, но негативата од првиот меч е 17 поени разлика.
Иако Македонија се најде во навистина тешка ситуација,а составот е подмладен, сепак мотивот е голем. Кристијан Николов потенцира дека најважно е да се борат до самиот крај, мора да се даде максимумот, да се одигра чесно до крајот.
„Очекувам да дадеме се од себе и да имаме борба за секоја топка. Подмладени сме, тоа е точно, но тоа не значи дека ќе се предадеме. Секој од нас знае што значи да се игра за Македонија и ветуваме дека ќе го дадеме максимумот.
Прв предизвик ни е Шпанија и ние ќе се бориме до крај. Потоа следи Украина на домашен терен, сакаме победа, затоа што мотивот не е загубен и покрај тоа што сме некомплетни. Ние играме за репрезентацијата и не е важно каков тим имаме, туку мора да бидеме чисти пред себе и да го дадеме најдоброто. Наше е да се бориме до крај. Во овој тим дојдоа и неколку млади играчи, знам за нив дека ќе дадат се од себе. Ние еден на друг не гледаме како млад и стар и не се делиме, туку се гледаме како играчи кои можат да играат за репрезентацијата и затоа се овде“, изјави Кристијан Николов.
Македонската кошаркарска репрезентација во среда патува за Сарагоса, на први јули игра против Шпанија, три дена подоцна ја пречекува Украина во СЦ „Борис Трајковски“.