Веќе е јасно дека ракометниот клуб Вардар има огромни проблеми да се справи со финансискиот колапс кој му се случува во моментов, и автоматски организацискиот и резултатски што следува потоа.
Вардар има долгови, истите се огромни и тешки за менаџирање, па раководството денес имаше прес конференција на која ја образложи моменталната ситуација.
Ова трае веќе извесен период. Вардар како спортски колектив, фудбалски ракометен е пред колапс, и тоа е евидентно. Фудбалскиот клуб е второлигаш, неговите пак долгови се уште поголеми визави оние на ракометниот и крајот на маките на најголемиот спортски бренд не се гледа.
Од друга страна, јавноста немо посматра и гледа како на спортскиот великан му се случува катаклизма, а авторитетите едноставно не можат да гледаат како тоа се случува.
Капитенот на фудбалската репрезентација на Македонија, Стефан Ристовски предмалку на социјалните мрежи објави порака во која тој самиот се прашува, до кога македонските спортски брендови ќе изумираат и до кога ние како држава само ќе бидеме неми посматрачи на тоа.
„РК Вардар, ФК Вардар, КК Работнички, РК Кометал…брендови на Македонија? Кој е следен? А да….другите ни се криви… МОЈА ЖАЛНА МАКЕДОНИЈО“ – напиша Ристовски.
Тој е дете на скопски Вардар, и тој многу добро знае што значи овој клуб за Скопје, за Македонија. Не смее повеќе ова да се дозволи, не смее Македонија да молчи пред очигледниот крах на спотскиот бренд кој на оваа држава и донесе толку многу успеси во изминатиот период, за да по само неколку години гледаме како пропаѓа и се дави во „калта“ која што дел и самиот си ја создаде. Сепак, време е да се реагира ако сакаме Скопје и Македонија со што да се препознае на спортски план во иднина.