Николов: Мотивот не е загубен, знаеме што значи да се игра за Македонија!

125

Македонската кошаркарска репрезентација има минимални шанси да се пласира во следната квалификациска фаза за место на СП 2023 година. Има четири порази во исто толку одиграни натпревари, а во јулискиот последен прозорец ја чекаат две тешки задачи. Против Шпанија на гостински терен и против Украина на домашен терен. Токму онаа мала надеж за место во следната фаза е Украина, победата не е недостижна, но негативата од првиот меч е 17 поени разлика.

Иако Македонија се најде во навистина тешка ситуација,а составот е подмладен, сепак мотивот е голем. Кристијан Николов потенцира дека најважно е да се борат до самиот крај, мора да се даде максимумот, да се одигра чесно до крајот.

„Очекувам да дадеме се од себе и да имаме борба за секоја топка. Подмладени сме, тоа е точно, но тоа не значи дека ќе се предадеме. Секој од нас знае што значи да се игра за Македонија и ветуваме дека ќе го дадеме максимумот.

Прв предизвик ни е Шпанија и ние ќе се бориме до крај. Потоа следи Украина на домашен терен, сакаме победа, затоа што мотивот не е загубен и покрај тоа што сме некомплетни. Ние играме за репрезентацијата и не е важно каков тим имаме, туку мора да бидеме чисти пред себе и да го дадеме најдоброто. Наше е да се бориме до крај. Во овој тим дојдоа и неколку млади играчи, знам за нив дека ќе дадат се од себе. Ние еден на друг не гледаме како млад и стар и не се делиме, туку се гледаме како играчи кои можат да играат за репрезентацијата и затоа се овде“, изјави Кристијан Николов. 

Македонската кошаркарска репрезентација во среда патува за Сарагоса, на први јули игра против Шпанија, три дена подоцна ја пречекува Украина во СЦ „Борис Трајковски“.

ПретходноВардар добил празно ветување од 2,5 милиони евра од поранешниот премиер на Македонија!
СледноЛазаров и ракометарите на мегдан со Грција!