Македонската ракометна репрезентација со убедлива победа ги отвори Медитеранските Игри. На првиот дуел во Оран, избраниците на Кирил Лазаров, ја демолираа Грција со 39-21 (20-13). Јужниот сосед имаше сили само 17 минути, по што следеше класично газење на теренот, час по ракомет од македонските ракометари.
Мечот го отвори Петар Атанасијевиќ (1-0). Грција на почетокот пружи силен отпор, го искористи периодот во кој нашата одбрана не беше на високо ниво, поведе со 2-3 во шестата минута, но нашите момци брзо се вратија. Го искористија црвениот картон на противникот со головите на Петар Атанасијевиќ и Костески, Македонија поведе со 5-4 во 10 минута. Беше неизвесно до 10-10, Кизиќ беше одличен на голот, а „црвено-жолтите“ заиграа според вкусот на Лазаров. Со серија од 9-1 дојде на 19-11 во 28. минута. На одморот заминаа со плус седум 20-13. Кизиќ беше одличен на голот имаше осум одбрани.
Мартин Серафимов и Петар (три гола) брзо зголемија на 24-13 во 36 минута. Грција беше немоќна, нашите ракометари лесно го полнеа голот на противникот, па по девет минути игра Македонија имаше водство од 26-14, на другата страна противникот постигна само еден гол.
Кизиќ продолжи во ист ритам, Петковски со првенецот зголеми на 28-15, нашите ракометари имаа шанса да зголемат и на плус 14, но не реализираа. Истиот играч во 50. минута зголеми на 33-18, нашите момци не се штедеа, сакаа убедливо да ја завршат оваа средба, покажаа дека се класа. Можеше мечот да заврши и со плус 20, но во последната секунда, Грција реализираше, откако ние промашивме.
Марко Кизиќ дуелот го заврши со 12 одбрани, шанса доби и Гогов запиша една интервенција. Серафимов запиша седум гола 10 обиди, шест имаше Џонов, по пет реализираа Петар и Костески.
Македонија утре игра против домаќинот Алжир, кој беше подобар од Турција.