Македонската кошаркарска репрезентација одработи четири тренинзи во рамките на подготовките за последните два квалификациски меча од првата фаза за пласман на Светското првенство 2023 година.
Прв противник е актуелниот светски првак, Шпанија, натпреварот се игра на први јули во Сарагоса, три дена подоцна, Македонија ја пречекува Украина на домашен терен.
И овој пат во составот ги нема сите стандардни репрезентативци, нивното место селекторот, Драган Бајиќ го потполни со млади играчи, кои заедно со поискусните ќе се обидат да дадат добра слика на теренот.
„Полека влегуваме во ритам. Имавме три тренинзи, можам да кажам дека сите во одлична форма. Работиме на нашата тактика, бидејќи дел од нас не играа претходно. Предноста е што сме воиграни, главна задача ни е да ги спроведеме помладите кошаркари, да се вклопат што побрзо на овој висок ритам. Среќен сум што брзо ги прифаќаат сите совети и што се максимално мотивирани“, вели Стојан Ѓуроски.
Тој е еден од оние кошаркари кои добра ја познава шпанската школа, беше дел од Аликанте во сезоната 2020/21, додека пак претходно играше за Хуеска и Мелилја.
„За Шпанија нема што многу да се кажува. Иако ќе настапи во втор состав, сепак сите тие играчи се натпреваруваат во европските клупски натпреварувања. Играат брза кошарка, ритам за кој ќе се обидеме да најдеме решение. Времето е кратко, но верувам дека ќе го дадеме максимумот“, коментира искусниот репрезентативец.
Македонија теоретски има шанси да се најде во следната фаза, но патот е тежок. На домашен терен треба да ја надополни негативата од 17 поени разлика од првата средба против Украина.
„За нас на крајот на овие квалификации, најважен ќе биде дуелот во Скопје против Украина. Исто добра репрезентација, која ќе се обидеме да ја добиеме на домашен терен, разликата од првиот меч е голема, но никогаш не треба да се губи надеж.
На крајот и двата меча ќе бидат од голема корист за она што следува допрва на репрезентативно ниво“.
Кошаркарите уште утре се во Скопје, во среда заминуваат за Сарагоса.