Попладнево со првиот собир, повратникот во Првата лига, прилепска Победа, ги стартуваше подготовките за новата сезона. Првиот човек на клубот Благоја Гешоски им го претстави на играчите новиот шеф на стручниот штаб, Бобан Бабунски. Тој најави дека подготовките ќе се одвиваат во Прилеп, затоа што клубот има сосема солидни услови за реализација на комплетно замислениот тренажен процес.
Во својата прва изјава и обраќањето пред прилепската јавност Бабунски акцентираше неколку работи:
„Би сакал да се заблагодарам на укажаната шанса да бидам на кормилото на Победа и да работам во интерес на прилепскиот фудбал. Ја следев Победа на повеќе натпревари. Да ја продолжиме добрата игра од Втората лига. Тука се и младинците кои остварија одличен успех и со освоената титула ќе играат во Европа. Има тука неколку деца со фантастичен потенцијал и на нив треба да се гради иднината на клубот и трудот кој повеќе години наназад со оваа генерација го вложи нивниот тренер Филип Мирчески. Да му честитам и на претходниот тренер колегата Димитар Капинковски, а ние треба да ја надоградиме таа добра слика на Победа во повисок ранг – во прволигашка конкуренција. Среќен сум што ќе работам со млади играчи кои имаат желба да напредуваат. Предизвик е за мене да придонесам во клупските амбиции Победа да биде стабилен прволигаш. Ја знам добро прилепската публика, сум играл тука и добро ми е познат амбиентот во најфудбалскиот град. Во секој случај предизвик е за сите да работиме максимално, сите заедно да бидеме во функција на клубот. Да ги подобриме сите перформанси како индивуидуални статистики на секој играч така и на тимот во целина како би можела Победа да биде на нивото кое сите го посакуваме. Можам да ветам многу работа. Ќе тренираме двапати на ден , во план се повеќе контролни натпревари, а три се веќе закажани со Брегалница (5 јули), Работнички (13 јули) и Струга Трим Љум (23 јули), како и на традиционалниот турнир ,,Вуко Каров„ во Кавадарци на крајот на јули“, изјавил Бабунски.