Во вторник на Националната Арена “Тодор Проески“ во Скопје, со почеток од 20:45 часот, нашиот шампион, тимот на Шкупи ќе ја започне европската одисеја во фудбалска Европа. Ривал во 1.квалификациско коло во Лигата на Шампионите ќе му биде првакот на Гибралтар, тимот на Линколн, тим кој што минатата сезона направи бум и играше во групната фаза во Лигата на Конференции, заедно со Слован, Паок и Копенхаген.
Чаирчани на 5 јули играат дома, а за седум дена на Гибралтар.
Јасно е дека четата на стратегот Гоце Седлоски е фаворит на хартија, но треба да се знае дека Линкол, иако доаѓа од Гибралтар, сепак не е состав за потценување, ни најмалку.
Доказ за тоа е дека завчера на пријателската средба против шкотскиот Килмарнок одиграа 2:2, претходно загубија од селекцијата на Катар со 0:2.
Тоа се тие две пријателски средби кои на новиот тренер Раул Кастиљо Перез, инаку Шпанец, му помогнаа колку толку да има увид во тимот кој што го презема пред еден месец.