Војдан: Знаеме колку брза кошарка игра Шпанија, мора да го издржиме нивниот налет!

150

СПОРТМЕДИА во Сарагоса, Марија Ковачева

Војдан Стојановски е пример за вистински професионалец. Капитенската лента во нашиот најдобар национален тим, не случајно му припаѓа токму него. И во добро, и во лошо, и во најтешките денови, Војдан заедно со уште неколку репрезентативни имиња, секогаш се служба на Македонија, никогаш не бегаат од одговорноста, без разлика против кого играат.

Денеска, нашата репрезентација ќе има тешка задача. Во Арената „Принц Филип“ ќе ги одмери силите со актуелниот светки првак. Капитенот вели дека мора да се издржи темпото кое Шпанија знае да го наметне, мора да бидат постојано сконцентрирани.

„Пред се треба да покажеме фокус и енергија. Знаеме колку брза кошарка играат Шпанците и затоа многу важно ќе биде да покажеме енергија, да им се спротивставиме на терен. Мислам дека и ние ќе играме со сите кошаркари во текот на мечот, нешто што е многу важно за да се издржи темпото што противникот ќе се обиде да го наметне. Тие неслучајно се актуелни светски шампиони и секогаш се меѓу најдобрите четири селекции на големите натпреварувања, а ние треба да ја искористиме можноста што играме со Шпанија за да се покажеме во што подобро светло против еден така силен ривал“, ни изјави Војдан.

Капитенот на македонската кошаркарска репрезентација е среќен што доаѓа нова и квалитетна генерација со талентирани имиња, кои се желни да напредуваат. Сите тие кои се најдоа на списокот за Шпанија, ќе соберат искуство плус кое во иднина и тоа како ќе биде значајно.

„Доаѓа нова генерација на македонски кошаркари , кои се навистина супер момци, талентирани кошаркари кои се желни да работат и уште повеќе да напредуваат во кариерите. Тука се Тео Симиќ, потоа Рубин Стефанов, во составот го имаме и Андреј Јакимовски, дебитира и Ташовски… за сите тие кои не играле на едно вакво ниво, против ривал кој е меѓу најсилните во Европа, ова е одлична можност на терен да видат до каде се стигнати со својот кошаркарски развој и на што треба да работат во иднина. Сите ние ќе сториме се за да одиграме што поквалитетно, но она што најмногу можеме да го добиеме е овие млади играчи, да добијат искуство, да напредуваат низ вакви силни натпревари и во иднина да прикажуваат уште подобри игри“, смета капитенот на македонската репрезентација. 

Дуелот меѓу Шпанија и Македонија е закажан со почеток во 19:30 часот.

ПретходноДенес почнува Тур де Франс – Погачар брка хет-трик!
СледноОфицијално: Ришарлисон во Тотенхем за 60 милиони фунти