СПОРТМЕДИА во Сарагоса, Марија Ковачева
Македонската кошаркарска репрезентација ситно брои до почетокот на пресметката со Сарагоса. Нашите момци утринава го одработија последниот тренинг и го направија последниот договор за дуелот со актуелниот светски првак.
Шпанија е вистински тест за силите, но и шанса за помладите, преку силни мечеви да созреат и соберат искуство кое дефинитивно ќе биде добредојдено во иднина.
„Секогаш е убаво да се игра против една ваква репрезентација. Овој натпревар ќе биде одлична шанса, особено за младите играчи во нашата репрезентација, без разлика на исходот на натпреварот. Убаво е да почувствуваат една ваква атмосфера.
Реално кажано, шансата за победа ќе ја бараме против Украина на домашен терен, пред нашата публика, која се надевам дека ќе биде во голем број“, вели Стојан Ѓуроски.
Искусниот репрезентативец заедно со останатите кошаркари низ годините се бореа да дојдат до ниво кое ќе им овозможи силни мечеви. А групата во која се најде Македонија ни малку не е наивна, особено ако се земе во предвид дека на ниту еден натпревар не бевме комплетни.
„Дефинитивно, не забораваме против кого ќе играме. И ние неколку години се боревме во тие квалификации за да стигнеме до тука, да заиграме против најдобрата светска селекција. Затоа треба да се покажеме во најдобро светло што можеме“, изјави Ѓуроски пред денешната средба која е закажана со почеток во 19:30 часот.