“Бомба“: Пинда најавува спојување на Беласица и А. Пандев во клуб со име Беласица кој ќе игра во ПМФЛ!!!

20594

Пишува: Зоран Ѓоршоски

На 31 јули ФК Беласица, еден од нашите најпознати клубови, струмичката фудбалска гордост, ќе го прослави својот 100-ти роденден. Секако дека ова е голем настан за нашата фудбалска јавност, посебно за струмичани и за сите во ФК Беласица на чело со претседателот Славчо Васков – Пинда.

Па по повод тој настан, но и за други работи “Спортмедиа“ одлучи да направи интервју со популарниот Пинда, вљубеник во спортот, посебно во ФК Беласица.

Што ќе се случува на 31 јули, како Беласица ќе прослави златниот, големиот јубилеј?

Голем јубилеј и тоа ќе голема прослава. Како прво ќе одиграме пријателска средба со Брегалница, со историски нашиот вечен ривал, и тоа под рефлектори. Се паѓа недела тој 31 јули. Ќе има прослава, ќе бидат поканети фудбалските луѓе од нашата земја, некогашни играчи на Беласица, познати спортски фаци што се вели, ќе биде тоа голема фешта. Овој стогодишен роденден Беласица тоа и го заслужува. Инаку имаме големи амбиции со клубот во иднина. Еве младинците ќе играат во Супер лигата, потоа планираме подигање на женски фудбалски клуб Беласица, но за тоа потоа“ вели Славчо Васков Пинда.

Инаку првиот човек на струмичката фудбалска гордост, спортскиот работник кој не дозволи Беласица да згасне пред неколку години, во разговорот со нашиот медиум по повод роденденот на ФК Беласица, објави навистина голема вест.

А тоа е поврзано со она што ексклузивно го најави „Спортмедиа“ во петокот, дека еден наш реномиран прволигашки клуб во следната сезона нема да игра во ПМФЛ, доби големи размери и шпекулации во нашата јавност. Ние најавивме дека нема да го именуваме клубот до 15 јули, но има нови моменти па затоа во целост, и тоа благодарение на претседателот на ФК Беласица, Славчо Васков – Пинда, ќе ги разјасниме сите шпекулации.

No description available.

БЕЛАСИЦА И А.ПАНДЕВ ЌЕ СЕ СПОЈАТ ВО МОЌЕН КЛУБ

Г. Васков, за што всушност станува збор?

По повод 100 годишнината од ФК Беласица, во разговор со Горан Пандев дојдовме до заклучок дека најдобро ќе биде Струмица да има еден, но супер тим или клуб што се вели. Па затоа Беласица и А. Пандев ќе се спојат или фузираат во еден клуб, со името Беласица кој во следната сезона ќе игра во ПМФЛ. Клуб со името А.Пандев нема да постои, но ќе постојат два субјекти. И тоа на пример Беласица 1 ќе игра во ПМФЛ, а Беласица 2 во ВМФЛ. Јасно е дека за модалитетите и правните работи допрва ќе видиме, можеби во догледна иднина овој вториот субјект ќе згасне или ќе биде младинска академија, но за тоа во иднина“ вели Пинда.

Што тоа значи за Беласица, за Струмица, за А.Пандев, и каде е тука улогата на Пандев во новиот субјект?

Горан многу добро знае од каде потекнува, од кој клуб. Јасно му е дека струмичани ја обожаваат Беласица. Затоа тој по повод овој голем јубилеј, 100 години – ФК Беласица, а ќе го прославиме на 31 јули, всушност ќе овозможи А. Пандев и Беласица да се спојат. Јасно е дека тој ќе биде тука со мене, во менаџирањето на Беласица, профитот ќе биде поделен, тој го вложува се она што досега ивестирал, но едноставно не сака неговото име да фигурира во името на клубот. Да повторам дека допрва ќе видиме за тоа како ќе се изведе од правен аспект“.

No description available.

ПАНДЕВ НЕ САКА ДА ФИГУРИРА НЕГОВОТО ИМЕ ВО ИМЕТО НА КЛУБОТ

Повеќе од јасно е дека ова е голема работа за Беласица, за фудбалска Струмица?

Познато е каде беше Беласица пред јас да дојдам на чело на клубот, се обидувам на секој начин овој клуб да го направам уште подобар. Јасно е дека ова е голема работа, ќе создадеме еден тим, еден моќен клуб кој секако дека ќе се бори за врвот во мак – фудбалот, зошто да не, еден ден ќе тргнеме и по титулата. Горан со мене беше крајно искрен, едноставно преголем товар за него се финансите за да ја одржи А. Пандев на ова ниво. Сите ние сме свесни во кој свет живееме. И затоа е овој чекор од негова страна“ потенцира Пинда.

Што со играчите на А. Пандев кои сега ќе играат во Лигата на Конференции?

Па, договорено е играчите кои сега играат, или барем поголем дел од нив, да дојдат во Беласица која ќе игра во елитата, а во вториот субјект кој би играл ВМФЛ би се нашле помладите. Целта е Беласица да има силен тим за во ПМФЛ, што и Горан посакува. Значи во ПМФЛ ќе игра Беласица, А. Пандев како клуб, или поточно клуб со тоа име нема да постои, и тоа сакаме и официјално да го објавиме на 31 јули кога ќе биде прославата на големиот јубилеј 100-години ФК Беласица и тоа во пресрет на стартот на сезоната во ПМФЛ. Горан рече дека не сака да стои неговото име во името на клубот“ заврши првиот човек на Беласица.

ПретходноДембеле остана само со една опција: Нов договор со Барса со плата помала за 40%
СледноАкадемија Пандев потпиша со Давид Бошески од Пехчево