Летото не е завршено, кошаркарите на турнир во Литванија!

230

За македонската кошаркарска репрезентација летото не е завршено со квалификацискиот дуел против Украина, последен од првата фаза за пласман на Светското првенство 2023 година.

Нашите момци ги чека долго лето. На почетокот на месец август одново ќе се соберат, причината е стартот на претквалификациите за пласман на Европското првенство 2025 година. Патот кон кам-бекот на европска мапа ќе биде долг и тежок во неколку фази.

А првата фаза почнува кон крајот на август. Пред стартот на претквалификациите, Македонија ќе учествува на меѓународен турнир во Литванија и тоа во период од 8-12 август. Покрај домашната селекција и „црвено-жолтите“, засега сигурно е дека ќе биде и репрезентацијата на Финска. Постои шанса да дојде уште една земја, но тоа ќе биде дополнително познато.

Овие два меча ќе бидат вистински тест за избраниците на Драган Бајиќ пред стартот на претквалификациската битка.

Ова значи дека кошаркарите кои се најдоа во последниот список на Бајиќ ќе имаат кратко време за одмор. Засега е познато дека Рубин Стефанов и Тео Симиќ најверојатно нема да бидат дел од турнирот во Литванија бидејќи имаат обврски со репрезентацијата до 18 години која ќе учествува на ЕП А дивизија во Измир.

Останува да видиме со каков состав ќе настапи Македонија, во последно време голем дел од стандарните кошаркари откажуваат учество, што пак се одразува на резултатски план, токму од овие причини не можеме да направиме чекор напред.

Кога сме кај нашиот национален тим денеска (18 часот) ќе го одржи единствениот тренинг пред утрешната пресметка со Украина, последна од квалификациите за СП 2023 година. Овој меч нема да има резултатско значење, противникот својата виза за втората фаза ја обезбеди во Рига, каде како домаќин ја совлада Грузија, а потоа Шпанија, очекувано славеше против Македонија.

„Црвено-жолтите“ се последни во групата Г, со пет порази во исто толку одиграни меча.

ПретходноУсеини ќе продолжи во Приштина
СледноМакедонија и одржа нова лекција на Бугарија