Арсенал утрово и официјално го потврди трансферот на бразилскиот напаѓач Габриел Жесус, кој потпиша долгорочен договор со „топчиите“ по трансферот од Манчестер Сити.
25-годишниот напаѓач се етаблира како еден од водечките напаѓачи во Премиер лигата во последните сезони. Тој постигна 95 гола на 236 настапи во сите натпреварувања во текот на неговите пет сезони во Манчестер.
Техничкиот директор на Арсенал, Еду изјави: „Воодушевени сме што го обезбедивме трансферот на Габриел. Сите кои добро го познаваат фудбалот, ги знаат квалитетите на Габриел Жесус. Габриел е играч на кој му се восхитуваме веќе долго време. Тој има 25 години и е етаблиран бразилски репрезентативец кој постојано покажува дека е играч на многу високо ниво. Со нетрпение очекуваме да го видиме како нов соиграч во пресрет на новата сезона“.
Габриел ќе го носи дресот со број 9 во Арсенал и наскоро ќе се приклучи на тимот.