На швајцарскиот навивач Ролф Бантле му требале 10 години за да се врати од „Сан Сиро“ во својата земја, откако во август 2004 година бил да навива за својот Базел на мечот со Интер во квалификациите за Лигата на шампионите.
Швајцарските весници ја објавија неверојатната приказна за Бантле, пензионер кој во 2004 година отпатувал во Италија за да му даде поддршка на својот сакан Базел, но по натпреварот ги загубил пријателите и останал сам во Милано.
Откако го пропуштил летот, останал со 20 евра в џеб, без телефон и можност за контакт со некој близок.
„Одеднаш бев во друга димензија“, изјавил Бантле.
„Имав околу 20 евра во џебот и немав телефон, па отидов во Милано. Луѓето ми даваа храна и цигари, а еден студент ми понуди вреќа за спиење“.
Бантле бил пријавен за исчезнат, но тој живеел во центар за рехабилитација поради проблем со алкохолот, а никој од неговите блиски не се потрудил да го лоцира. Самиот, пак, вели дека и немал желба да го пронајдат, бидејќи мус е допаднал новиот живот во Италија.
Живеењето на улица, туширањето во јавна бања и редовното посетување на локалната библиотека станале нова рутина.
„Немав причина повеќе да одам дома. Уживав во слободата на Милано“.
Дури во 2015 година, кога се здобил со скршеница на ногата, конечно бил откриен, бидејќи немал италијанско здравствено осигурување. Властите го депортирале во Швајцарија, каде е префрлен во дом за стари лица.