Македонската машка ракометна репрезентација денеска (12:30 часот) го игра последниот натпревар на Медитеранските Игри кои се одржуваат во Алжир. По убедливиот пораз во полуфиналето, избраниците на Кирил Лазаров ќе се борат за бронзениот медал во Оран.
Србија е противникот на „црвено-жолтите“. Во полуфиналето оваа репрезентација беше совладана од Шпанија во меч со голем број на голови. Претходно српските ракометари имаа скор од три победи (една службена) и еден пораз од Египет.
Лазаров и неговите момци имаа ден одмор за да се подготват за денешната средба. Младите ракометари на овие Игри покажаа повеќе од што многумина очекуваа, дел веќе најавија дека можат да бидат дел од нашиот најдобар национален тим во иднина.
Во битката за златниот медал силите ќе ги одмерат Шпанија и Египет.