Вуков тестираше на Муџело, целта останува иста!

53

Македонскиот автомобилист Ристо Вуков во текот на вчерашниот ден одработи тест во пресрет на новата трка од шампионатот на Порше Карера Куп Италија.

Со својот тим „GDL Racing”, Вуков вчера беше на патеката Муџело, позната како дом на италијанското мотоциклистичко гран при, но Формула 1 исто така дебитираше на оваа патека во 2020 година како Голема награда на Тоскана.

„Има три причини зошто сум тука: првенствено тимскиот шеф Џанлука ди Лоренцо во евалуацијата што ја направи меѓу двете сезони оцени дека многу време губам на почеток од гран при викендот поради фамилијаризацијата со патеките, а второ е тоа што годинава имаме нов автомобил кој е сосема поразличен од претходниот. Третата причина е што во календарот за 2022 година е направена измена, па последната трка што требаше да се вози на патеката Франчакорта крај Бреша, ќе се организира на Муџело, што значи дека оваа патека ќе се вози два пати оваа сезона„, изјави Вуков.

Не сакајќи да влегува во детали за тестирањето, Вуков порача дека останува оптимист во пресрет на третиот настап оваа година.

„Не сакам да давам никакви бомбастични изјави, целта отсекогаш е иста, пласман на подиум, без оглед за која трка станува збор. Во текот на денешниот ден тука тестираа различни возачи, со различни автомобили, од различни тркачки серии, па немам директен репер. Најголемиот дел од тестот го правев со возење на стари пневматици, па за време на официјалниот гран при викенд ќе се фокусирам на унапредување на сет-апот со нови гуми за квалификациите“.

Фактот дека Муџело ќе биде домаќин на две трки од календарот на Порше Карера Куп Италија, сепак има големо значење што Вуков го интерпретира на свој начин.

„Имавме план да возиме шест сесии по 35 минути, но поради променливите временски околоности реализиравме само три. И тие беа доволни за уште еднаш да се уверам во различната природа на двата автомобила со кои досега се натпреварував, а стекнатото искуство го сметам за драгоцено. Ова тестирање ми помогна да се адаптирам и да ги дознаам моите преференции околу штелувањето на возилото. Имам позитивни искуства од експериментирањето при некои штелувања на задното крило и баланс-штанглата, навистина подобро го разбирам автомобилот и очекувам да успеам да склопам конкурентни времиња во круг што ќе направат да се борам за подобри позиции“. 

Вуков на претходните трки во Имола и Мизано на четири пати освојуваше бодови, но иако успеваше да влезе во првата десетка, поради разни малерозни ситуации не успеваше да се етаблира меѓу водечките. Во моментов тој има 13 бода и се наоѓа на 14 место од 38 возачи.

Третиот гран при викенд во Муџело е предвиден да се организира идниот викенд, на 16 и 17 јули, со две трки распоредени во сабота и недела.

ПретходноНова сезона, нови ветувања, исти приоритети: Ќе успее ли Работнички да се издигне?
СледноДамјан Стојановски една деценија во „сино-белиот“ дрес!