Како што и доликува, капитенот Дамјан Стојановски е првиот кошаркар кој летово ја обнови соработката со МЗТ Скопје Аеродром, со што продолжи љубовта која веќе една деценија постои помеѓу клубот и легендата на македонската кошарка.
„Кога двајца се сакаат и почитуваат, договор лесно се постигнува, па така и официјално може да потврдиме дека нашиот Дамјан и десетта сезона ќе го носи сино-белиот дрес. A, дека „врската“ е сериозна и е на долги патеки говорат и плановите на управата за негово вклучување во клупскиот менаџмент, секако откако ќе реши да ја заврши играчката кариера“, велат од таборот на актуелниот македонски првак.
Стојановски е дел од МЗТ од 2012 година, период во кој дојде до седум шампионски титули, пет победи во Купот на Македонија и три во Суперкупот. Единствено не беше дел од тимот во сезоната 2016/17, кога се опоравуваше од тешката повреда добиена на меч за македонската репрезентација.