Се е добро кога добро ќе се заврши. И покрај поразот од 0:2 на реваншот на Гибралтар од Линколн, чаирчани одат натаму. Во втората фаза од овие квалификации во Лигата на Шампионите ќе го одмерат силите со Динамо Загреб, гигантот од Балканот.
И тоа благодарение на тие скопски 3:0.
Но уште поважно е што Шкупи од своите настапи во Европа ќе заработи најмалку 1,5 милони евра и што ќе игра најмалку во плеј-офот во Лигата на Конференции.
За слабото издание на Шкупи денеска на Гибралтар треба да се знае и ова. Имено експедицијата на нашиот шампион се соочуваше со големи проблеми непосредно пред натпреварот. Еден од клучните играчи на Гоце Седлоски, Валид Хамиди го изгубил пасошот и не можел да влезе во Гибралтар непосредно пред мечот.Познато е дека чаирчани престојуваа во Шпанија а тренираа во Гибралтар.Вчера интернационалецот од Алжир го одработи тренингот, требаше да биде и стартер,но ете, не успеа да влезе во Гибралтар. И покрај сите настојувања на луѓето од клубот сепак Хамиди мораше да остане во Шпанија. Тој под итно замина во Мадрид во амбасадата на Алжир за да може да извади нова патна исправа.
И затоа Седлоски мораше во последен момент да прави претумбации во тимот. Место него во стартниот состав беше Златков, но и останатите мораа да ги менуваат своите места. Јасно е дека Хамиди е еден од најдобрите во тимот на Шкупи, без него тешко одат некои работи.
Секако да не заборавиме на сите останати проблеми со кои се соочуваше нашиот шампион на Гибралтар, а за кои известивме во текот на денешниот ден.
Но, сега се ова е минато.Шкупи ја оствари целта, се пласираше во 2.квалификациско коло во Лигата на Шампионите, ќе има спектакуларен двомеч со Динамо Загреб и со Аријан Адеми и Стефан Ристовски, но и добро ќе наполни клупската каса.