Доцна попладнево од 18 часот на стадионот „Викторија“ на Гибралтар, нашиот шампион, тимот на Шкупи го игра реванш мечот од 1.квалификациско коло во Лигата на Шампионите против Линколн. Значи остануваат уште 90.минути да се стави “печат“ на оние скопски 3:0 кога четата на стратегот Гоце Седлоски во целост го “размонтира“ составот на Линколн и ја оправда улогата на фаворит.
Јасно е дека предноста е голема, дека Седлоски и Шкупи се премногу искусни за да си дозволат било каква сензација, но исто е јасно дека мора да има крајна сериозност на денешното гостување кај Линколн.
Се очекува Седлоски да не експериментира со составот, во него ќе го нема Грузиецот Гаги Маргвелашвили кој на првиот меч во Скопје доби црвен картон и ќе мора да го прескокне овој денешен дуел.
Шкупи има големи мотиви да ја мине оваа пречка наречена – Линколн. И не се само парите во прашање, а тие се околу 1,5 милиони евра, туку фактот дека втората квалификациска рунда ги чека двомеч со Динамо Загреб на Аријан Адеми и Стефан Ристовски. Ако се биде како што треба денеска, веќе следниот вторник на “Максимир“ Седлоски ќе ја поведе четата против “својот“ Динамо, а потоа во Скопје спектакл.
Во случај на пласман во втората квалификациска рунда во ЛШ, тогаш Шкупи, и натаму се да губи, ќе игра најмалку во плеј – офот во Лигата на Конференции.
Затоа чаирчани да знаете дека оваа шанса не смее да се испушти.