Антиќ: Ова е историски резултат, но не се задоволуваме само со четвртфинале!

322

Македонската женска кошаркарска репрезентација до 20 години ќе игра четвртфинале на ЕП Б Дивизија кое се одржува во Скопје. „Црвено-жолтите“ за противник ја имаат селекцијата на Словенија, која нема ниту еден пораз во досегашниот дел на ова натпреварување. Овој меч се игра утре од 18.45 часот, во Спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Пласманот во четвртфиналето е голем успех кога станува збор женската кошарка, а предводникот на оваа репрезентација, Јелена Антиќ вели дека нема да застанат, напротив сакаат да дојдат до уште еден голем чекор.

„Ова е историски момент за македонската женска кошарка. Но јас не сум човек кој се задоволува лесно, верувам дека можеме да играме против Словенија и се подготвуваме на таков начин. Самодовербата ни е на високо ниво и така треба да остане бидејќи ова е женска кошарка и се е возможно. Искрено се надевам дека ќе се избориме за победа“, изјави Антиќ пред првата елиминациска битка на првенството во Скопје.

Според неа најголем проблем кај кошаркарките е самодовербата, која сега е на многу поголемо ниво. Атмосферата и енергијата се на завидно ниво, што пак биле клучно за овој исчекор.

„Сепак, јас сум среќна и горда на екипата бидејќи успеа да се избори со емоциите. Ова се млади девојчиња кои сеуште немаат големо искуство и нормално е секој лош настап, особено кога станува збор за порази со толкава разлика да се одрази на нив. Успеавме со разговори и смиреност да им влееме самодоверба. Пред се да сфатат дека, всушност, ние сме добра екипа и дека веројатно недостасуваше многу малку за да дојдеме до победата против Романија. Атмосферата и енергијата што ги имавме како екипа, како и поддршката од трибините беа на посакуваното ниво кога најмногу требаше и тоа беше клучно за триумфот со кој влегуваме во четвртфиналето“, вели Антиќ.

ПретходноШаќири тргнува со Гури, Дориев, Хасани, Шаља.. во нападот
СледноПознат е возниот ред: Македонија тргнува кај Данска, завршува во Норвешка!