Шкендија има убава шанса, посебно по оние скопски 2:0 против Арарат, да ја мине првата пречка во квалификациите во Лигата на Конференции. Попладнево во Ереван му гостува на Арарат, натпреварот започнува во 17 часот, со амбиција да оствари уште еден добар резултат и да си закаже двомеч со Валмеира од Летонија во втората квалификациска рунда во ова европско натпреварување.
Без разлика на се, почитувајќи ги квалитетите на тимот од Ерменија, сепак факт е дека Шкендија е подобар тим, има подобри играчи, има и тоа како подобра традиција во фудбалска Европа. Значи се е на страната на составот на тимот на Артим Шаќири, па и тие скопски 2:0 од првиот меч како што кажавме. Сепак треба да се биде внимателен. Ерменските тимови се опасни, посебно кога играат дома.
Шкендија посакува долго европско лето, пласман барем во третата квалификациска рунда во Лигата на Конференции. Ако се мине Ереван, а треба да се мине, тогаш на ред ќе дојде летонската Валмеира. И на тој двомеч тетовци ќе бидат фаворити.
Шкендија уште на подготовките во Словенија покажа добра игра, покажа дека е во форма.Има квалитет во себе, засилена и со Влатко Стојановски и Бразилецот Вагнер, посебно во нападот делува добро, па да се надеваме дека попладнево во Ереван ќе одигра уште еден добар натпревар и ќе си ја заврши работата како што треба.