Можеше и поубаво, и поуверливо, победнички, европски. Но сепак добри се и овие 2:2 за Шкендија кои ги оствари во Ереван на реванш мечот со Арарат од првата квалификациска рунда во Лигата на Конференции. Речиси перфектно прво полувреме кое заврши со 0:2 за тетовци а можеше барем да биде 0:4. Вториот дел мало опуштање и на крај сепак 2:2 или вкупен триумф од 2:4.
Јасно е дека Шкендија заслужува честитки, но и мала критика за тоа што покажа во второто полувреме.
Сепак Ереван е минато, Арарат е архивиран а сега на ред е тимот на Валмеира. Тим од Летонија кој ќе биде ривал на четата на стратегот Артим Шаќири во следната квалификацсиа рунда.
Првиот меч се игра во Летонија на 21 јули, а реваншот во Скопје седум дена подоцна.
Јасно е дека Шкендија и на овој меч е фаворит, нека му ја мисли Валмеира а потоа продолжување на походот во третата фаза, а таму, ако се мине Валмеира, ќе се знае ривалот во понеделник кога ќе биде ждрепката за 3.квалификациско коло.
Нема што, ако Шкендија игра и натаму како во првите 45.минути во Ереван, ова за нејзе ќе биде долго европско лето.
Браво за Шкендија…