Попладнево во Ереван, на Националниот стадион со почеток од 17 часот, Шкендија ќе му гостува на тимот на Арарат Ереван. Ова е реванш натпревар од 1.квалификациско коло во Лигата на Конференции. Првиот меч во Скопје заврши со резултат од 2:0 за нашиот евро претставник, но ништо уште не е готово. Треба да се одиграат уште 90 минути.Треба да се издржи.
Инаку и покрај поразот, Арарат во Скопје покажа дека не е нималку наивен тим. Имаше два – три зицера, но голманот на Шкендија Костадин Захов фантастично реагираше и е еден од најзаслужните за тие 2:0 за Шкендија.
Токму Захов за “Спортмедиа“ во пресрет на денешниот меч во Ереван истакнува…
“Ние знаеме како треба да одиграме за пласман во следната рунда. Добро знаеме дека Ерменците на домашен терен играат многу агресивно, ќе мора да внимаваме уште од самиот почеток на натпреварот. Ако се биде како што треба, ако постигнеме гол, тогаш ќе биде полесно денешниот меч да го приведеме до крај на еден рутински начин што се вели и тоа во наша полза. Шкендија има квалитет, но Арарат и тоа како е добар тим. Мора да бидеме максимално сконцентрирани во текот на сите 90 минути. Според мене ако сакаме резултат кој ќе ни одговара на денешниот меч, ќе мора да одиграме уште подобро од она што одигравме во Скопје“ заклучи голманот на Шкендија, Костадин Захов.