Страхиња Миќовиќ го засили МЗТ Скопје!

221

Српскиот кошаркар Страхиња Миќовиќ (30 год, 205 см) е второто странско засилување за МЗТ Скопје Аеродром во летниот преоден рок, со што актуелниот македонски првак продолжува со формирање на тимот за битката за домашните пехари и за настап во АБА-лигата.

Станува збор за крилен центар со големо искуство во регионалното натпреварување настапувајќи за екипите на Игокеа и за Морнар, од каде што доаѓа во Аеродром. За тимот од Бар минатата сезона одигра 38 средби во сите натпреварувања од кои на 21 беше во стартната петорка, а во кои борбеноста и агресивноста во одбраната беа најзначајните карактеристики во неговата игра.

Претходно, две години играше во Германија и тоа за екипите на Мителдојчер со просек од 13 поени и 4,6 скока како и за Телеком Бон, со просечна реализација на 13,7 поени со 3,8 скока.

Миќовиќ му се приклучува на Американецот Мајк Кафи, кој неодамна потпиша за МЗТ Скопје, како и на неговиот сонародник Бре Ајви, кој има договор од минатата сезона. Соработката неодамна ја продолжи и капитенот Дамјан Стојановски, а од минатата сезона под договор се Адем Мекиќ, Бојан Крстевски, Дамјан Робев, како и тројцата младинци – Димитар Иванов, Марко Спасовски и Бојан Величковски.

ПретходноНовиот македонски репрезентативец од Фенербахче се пресели во Адана
СледноЛехиа подобра од Академија Пандев и во Скопје (ВИДЕО)