Американецот Еван Максвел (27 год, 208 см.) е најновото засилување за МЗТ Скопје Аеродром во пресрет на новата сезона, откако денеска потпиша едногодишен договор со шампионот.
Станува збор за центар, зад кого се три сезони во европската кошарка во кои остварува двоцифрен поентерски учинок. Одлично се снаоѓа во играта „два на два“, не му е проблем да погоди тројка, а кога е во рекетот акциите речиси редовно ги завршува со забивање. Максвел минатата сезона ја мина во украинскиот тим Запорожје, каде што на 24 средби просечно реализираше 11 поени со 6,7 скока, додека претходно настапуваше за британскиот прволигаш Њукасл Иглс и за словачкиот тим БК Списка со просечна реализација на 13 поени со 6,4 скока односно 15,6 скока со 7,5 скока.
Скаутите кои го следат очекуваат да биде едно од најпријатните изненадувања сезонава, не само на домашна сцена туку и во АБА-лигата, каде што нашиот тим се врати по четиригодишен престој во вториот по квалитет ранг. Во МЗТ ќе настапува заедно со сонародниците Мајк Кафи и Бре Ајви, како и со српскиот интернационалец Страхиња Миќовиќ. Од македонските кошаркари, договорни обврски имаме со Дамјан Стојановски, Адем Мекиќ, Бојан Крстевски, Дамјан Робев и тројцата младинци – Димитар Иванов, Марко Спасовски и Бојан Величковски.