Ждрепката во Минхен ја формираше наредната натпреварувачка група за нашиот кошаркарски национален тим. По елиминацијата во светските, продолжуваме во оние европски квалификациски натпревари кои водат до крајната цела – настап на Евробаскетот во 2025 година.
Веќе за нешто повеќе од еден месец, почнуваме со нов предизвик. Настапите во „Д“ групата од вториот круг на претквалификациите. Во друштво сме на Словачка, Данска и Норвешка, и само најдобриот тим по шест одиграни мечеви во три ФИБА „прозорци“ ќе помине понатаму – во квалификациите за Европското првенство. Селекторот Драган Бајиќ со свое видуцање за ривалите:
„Кои се првите впечатоци после ждрепката, би рекол доста непознати. Навистина, Словачка ни е добро позната, игравме со нив во минатиот циклус од претквалифиакциите за Светскиот Куп. За другите две репрезентации може да се каже дека се непознати за нас. Данска имаше некоја улога во претходните квалификации, и доста работи зависат од тоа со каков ростер ќе има нивниот селектор на располагање. Во разговор со некои мои колеги кои имаа прилика да играат против нив, говорат дека се базираат на брза игра, на една брза кошарка, со доста шутеви кон противничкиот кош. Норвешка, исто така доста непозната, но ќе имаме време да се запознаеме и со нив. За нас е важна работа добро да се подготвиме за првиот “прозорец’. Да се јават на повикот што поголем број на кошаркари. Односно да бидеме комплетни, затоа што само така, мислам дека можеме да бидеме конкуретни“- коментира селекторот по формирањето на претквалификациските групи.