Македонската женска кошаркарка репрезентација до 20 години денеска (18:45 часот) во СЦ „Борис Трајковски“ ќе се обиде да направи уште еден историски чекор. Избраничките на селекторот, Јелена Антиќ играат четвртфинале на Европското првенство „Б“ Дивизија, за противник ја имаат репрезентацијата на Словенија.
Нема да биде лесно. Словенија групната фаза ја заврши со три победи во исто толку одиграни мечеви, токму затоа е еден од најголемите фаворити за пласман во елитата.
Но, нашите девојки немаат намера пред време да го подигнат белото знаме. Самодовербата по триумфот над Романија е на завидно ниво, видоа дека можат многу повеќе од она што тие, но и ние сме навикнати да го гледаме.
Оваа генерација има што да понуди, групната фаза е најава дека иднината на репрезентативно ниво е светла, сите овие кошаркарки можат да ја предводат Македонија низ поубави времиња.
На клупата е Јелена Антиќ. Една од најдобрите кошаркарки на сите времиња точно знае како да ги мотивира „црвено-жолтите“, да им ја влее потребната доза самодоверба која дефинитивно е клучот за отварање на портите кои се чинеше дека тешко може да се отворат.
Да се надеваме дека европската бајка ќе продолжи и денеска.