Освојувачот на „Златната копачка“ Роберт Левандовски е новиот напаѓач на Барселона откако двата клуба се договорија за сумата за трансферот. Трансферот се крчка веќе подолго време, Левандовски одамна порача дека сака да си оди но Баерн не попушташе се до сега кога реши да му даде зелено светло на полскиот голгетер и да си побара друго решение за нападот. Се чека во престојните денови да бидат финализирани сите детали и Левандовски веќе од понеделник да може да пристигне во Барса и да биде вклучен во тимот кој ќе оди на турнеја во Соединетите Американски Држави.
Договорот меѓу Барса и Баерн за Левандовски изнесува 45 милиони евра плус уште 5 милиони во форма на бонуси. Фудбалерот ќе стави потпис на четиригодишен договор.
Барса не сакаше да плати 50 милиони фиксно, а претходно Баерн одби 40 милиони евра. На крајот се најдоа на средина.
Со тоа Барса комплетира уште еден голем трансфер по Рафиња кој дојде од Лидс Јунајтед.