Француската фудбалска легенда и поранешен претседател на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), Мишел Платини, изјави дека не сака да се врати во фудбалот како функционер по ослободителната пресуда од швајцарскиот суд. 67-годишниот Платини во интервју во петокот вечерта рече дека сега сака само да живее мирно.
На 8 јули, швајцарскиот суд во Белинцона ги ослободи Платини и поранешниот прв човек на Меѓународната фудбалска асоцијација (ФИФА), Сеп Блатер, од обвиненијата во судскиот процес под сомнение за измами со трансфер на пари. Блатер и Платини беа обвинети за неправедни деловни практики, злоупотреба на положбата и фалсификување документи.
„После 50 години медиумска возбуда, сакам да живеам во мир“, рече Платини.
„Мислам дека јас и моето семејство заслужуваме медиумска пауза. Затоа, не сакам да продолжам да работам во фудбалот; ниту во ФИФА, ниту во УЕФА, ниту во француската федерација, ниту во синдикатот на играчи Фифпро. Тоа е одлука што ја донесов одамна. Но, сакав да ја кажам со крената глава, а не како обвинет. Не најавив дека ќе се пензионирам. Но, нема да се вратам во институциите кои ме скршија. Ако има нешто позитивно за играчите или светот на фудбалот, јас дефинитивно ќе бидам таму”, изјави поранешната ѕвезда на „триколорите“.