Кога живееш на Балканот, и посебно кога имаш сосед како Бугарија, тогаш се можеш да очекуваш да ти ги наруши плановите, па макар била тоа бил и еден фудбалски натпревар.
Имено во пресрет на фамозниот прв меч од 2.коло во Лигата на Конференции меѓу Македонија ЃП и ЦСКА Софија, се дигна многу врева. Па така сега сеуште не се знае, барем не официјално каде ќе се игра, на ФФМ како што беше предвидено или во Струмица.
Се разбира дека ова делува и на самиот тим од Ѓорче. Имено до четврток има уште четири дена.
„Ние се спремаме дека ќе играме на ФФМ во Скопје, како што и беше најавено. Е, сега, со оглед на сите случувања, Македонија ЃП како организиран клуб мора да ја земе в предвид и опцијата дека ќе се игра во Струмица. Секако дека сме нестрпливи, сите ние во клубот чекаме абер каде ќе играме против ЦСКА Софија. Сакале нејќеле, мораме да бидеме спремни на двете опции. Што да се прави, тоа е виша сила што би се рекло“ вели за „Спортмедиа“ стратегот на нашиот евро – претставник Муарем Бајрами.
Инаку тој напомена дека неговиот тим е добро подготвен, дека ќе даде се од себе на овој двомеч.
“Да, апсолутно. Ќе одиграме најдобро што можеме, се знае кој е фаворит, но Македонија ЃП ќе си ја бара својата шанса. Ги имаме сите можни и достапни информации за противникот, освен на Воша ќе можам да сметам на сите играчи. Јас сум оптимист, ќе видиме што ќе се случи“ заклучи Бајрами.