Кошаркарската репрезентација на Македонија за играчи до 18 години, со победа против Црна Гора (65:57) го заврши учеството на првиот меморијален турнир „Боби Петковски“ кој во изминатите три дена се одржуваше во Гевгелија.
Избраниците на селекторот Тони Симиќ го одиграа веројатно и најдобриот натпревар, не само на турнирот во Гевгелија, туку и воопшто во подготвителниот период. Против една силна селекција како црногорската играа како што само може да посака нивниот предводник од клупата.
Уште во првата четвртина нашите јуниори испратија порака дека сакаат собирот на југот од Македонија да го завршат со максимален ефект. Односно по победите против Грција, Бугарија истото да го направат и против Црна Гора. Теодрор Симиќ со 24 поени, девет скокови и две успешни додавања беше најдобар во нашиот состав. Одлично беше следен од Андреј Шошкиќ кој го дополни со 13 поени и пет успешни додавања.
По завршувањето на турнирот во Гевгелија, нашата селекција „Под 18“ години продолжува за Дарувар, каде на 19 и на 20 јули (вторник и среда), ќе одигра два контролни натпревари против селекцијата на Хрватска.
РЕЗУЛТАТИ
1.КОЛО
Црна Гора – Бугарија 71:56
МАКЕДОНИЈА – Грција 64:61
2.КОЛО
Грција – Црна Гора 78:66
Бугарија – МАКЕДОНИЈА 73:76
3.КОЛО
Бугарија – Грција 64:81
МАКЕДОНИЈА – Црна Гора 65:57