Тимур Дибиров и официјално е нов член на ППД Загреб. Рускиот ракометар после девет години се раздели со Вардар 1961 со кого освои се што можеше да се освои. Оваа промена доаѓа по официјалната потврда на ЕХФ за елиминација на актуелниот македонски првак од Лигата на шампиони.
„Среќен сум што доаѓам во Загреб, клуб со богата историја и клуб од чии редови произлегоа многу големи имиња на хрватскиот и европскиот ракомет. Очекувам големи работи во Загреб, знам дека ќе го дадам максимумот на секој тренинг и натпревар и мислам дека заедно можеме да постигнеме добри резултати. Сум играл со некои играчи претходно, како Борозан и Чупиќ, исто така сум се натпреварувал со некои, а со некои допрва ќе се сретнам. Верувам дека ростерот на Загреб е добро уреден и дека е идеална комбинација на младост и искуство. Мислам дека нашиот тим има што да докаже и дека оваа сезона пријатно ќе изненадиме многумина“, изјави Дибиров на промоцијата.
Дибиров потпиша едногодишен договор со ППД Загреб.