Хрватскиот интернационалец Патрик Џалто е најновото засилување на Брегалница за новата сезона во Првата македонска фудбалска лига.
„Сините“ се одлучија офанзивните редови од тимот да ги засилат со поранешниот фудбалер на Баер Леверкузен, кој потекнува од младинската школа на Кајзералсутерн, 25-годишниот Патрик Џалто.
Џалто, кој има и германско државјанство роден во Ројтлинген, е поранешен младински репрезентативец на Хрватска, а во периодот од 2013 до 2017 година, како член на Штутгарт, Кајзерслаутерн и Баер Леверкузен, важеше за еден од најголемите таленти на Бундеслигата.
Во својата кариера, Џалто, кој игра како офанзивен фудбалер од средниот ред, има настапи и за Регенсбург, Кобленц и Мемингем во Германија, како и за Австрија Клагенфург во австрискиот шампионат. Последните две сезони пред доаѓањето во Брегалница, настапуваше за хрватски Вуковар.
Низ досегашниот преоден рок Брегалница претходно се засили и со досегашниот фудбалер од средниот ред на Академија Пандев, Адис Хаџановиќ од БиХ, Белгиецот Фајсел Касми, поранешниот македонски репрезентативец Горан Силјановски, долгогодишниот капитен на Борец, фудбалерот од средниот ред Ѓорѓи Ѓорѓиев, левокрилниот дефанзивец Александер Борха Кордоба, централниот дефанзивец Александар Ристевски, младинскиот репрезентативец Иван Николов, како и црногорскиот голман Немања Шчекиќ.