За Вардар и другарите, за Вардар и душманите!

3663

✍️: Огнен Чак Дојчиновски

Во предвечерјето на новиот ПМФЛ шампионат пред некој ден се одржа ждрепката за распоредот во првото коло. Стандардна процедура. Еден колега ми вика, „скандал у ФФМ“, забораиле Вардар да го стават во влечењето, алудирајќи на статусот на најтрофејниот македонски фудбалски колектив кој во моментов е второлигаш. Да, второлигаш. Вардар е во Втора лига и како таков денеска го слави својот 75. роденден, далеку од гламурот и должното внимание кое треба да му се обрне на најспортското име во Македонија по овој повод.

Пред 75.години на 22 јули 1947 година во фузијата на дотогашните Победа и Македонија основан е ФК Вардар низ децениите кои следуваат најдобриот фудбалски клуб во Македонија.

Јас како внук на мојот дедо, Стојче Дојчиновски Росоклија истакнат општественик од времето на бивша Југославија, еден од луѓето кои присуствувал на самата фузија, а потоа во почетокот и дел од управата на ФК Вардар, и потомок на семејство вардарови навивачи, директно сум поврзан „црвено-црниот“ табор. Една од омилените приказни на дедо ми беше онаа во која на почетокот Вардар немал ништо, дека се играло од љубов, дека немало простории, дека за постарите играчи зимно време имало чај, за помладите не. Се било во зародиш….

Епа 75. години потоа, Вардар на својот роденден повторно нема простории. Цели 75. години поминаа, a Вардар е повторно на почетокот, во зародиш. По којзнае кој пат се рестартира, и сонува подобри денови. Сонува титули, сонува полни трибини успеси. И тренира во Маџари со стара опрема. Како стар пензионер, кому синовите и ќерките му се отидени некаде далеку, и осамен си го честита самиот себеси роденденот и чека да зазвони стариот фиксен телефон  за некој да се сети на него. Ама не се јавува никој. Изумреа сите, ги снема.

Зошто Вардар повеќе не е атрактивен, не е убав, не е личен па да му се „лепат“ пријатели, другари, швалерки. Вардар е стар, осамен и сиромав. Останати се само титулите во стариот орман да фаќаат прав, како ордените на дедо ми, заслужени некаде пред осумдесет години и фотографии од некои среќни времиња, бледи, искинати, со прашина. Останаа тие и приказните, кои пензионерски некој ќе ги прераскажува… приказните за Порто, за титулата, за Звезда, за Динамо… или пак оние поновите за Малме, за Фенер, за групите во Лига Европа. И толку. Остана Вардар на приказните. Ама знаете што… нема веќе ни кој да ги кажува.

„Легендите“ раскажувачи, прераскажувачи…

„Легендите“ веќе ги нема. Оние дежурните „легенди“. Сега се некаде далеку. Скриени во дупки, седнати на маса, далеку од Вардар, раскажувачите. Далеку, а сепак блиску. Доволно блиску за да подсвесно ги слушам како повторуваат, „ние, ние ние… кога игравме ние, кога игравме ние…“ Доволно блиску за да го „осетат“ следното вишок евро во клубот, за да се залепат пак, и да речат Вардар нам ни даде многу време е да му вратиме. Што да му вратите? Плата, премија, менаџерска провизија, работно место? Што? Скриените „душмани“ на клубот, кој го изцицаа кога имаше, а скришно го тужат сега за неисплатени плати, кога клубот нема ништо.  Е од таквите Вардар пропати(падна).

Е тоа се вистинските душмани на Вардар. Не се од  Битола, Прилеп,Чаир и од Тетово. Таму Вардар не го сакаат, така и треба да биде. Да, не го сакаат, таму се ривалите на Вардар. На Вардар му требаат тие ривали, противници. Од нив Вардар не пропати, од ривалите во туѓ дрес. Пропати од оние во „црвено – црниот“. Од оние што никогаш не платија билет, од оние што никогаш со ништо не помогнаа, од оние што кога имаше беа „дежурни“, а кога снема оп….ги снема и нив. Е од таквите и од никој друг.

А, приказните се тука. Да ги кажуваме јас и моите другари, децата на Скопје. Пријателите на клубот, оние кои искрено и со срце се радуваат на секоја победа и тагуваат на секој пораз. Искрено и од душа. И не ви простуваме за ништо. Ве знаеме и кои сте и што сте правеле. Знаеме и за провизиите, знаеме и за тужбите, и за „парите на рака“ и за платите, и за „гепеците полни порции од базата за дома“, знаеме се, за службените картици за гориво…. ќе дојде време кога се ќе излезе на виделина, Вардар пак ќе биде голем и другарите на Вардар повторно ќе се израдуваат на успеси, титули, пехари. А за возврат ќе бараме само уште повеќе титули, дерби средби и полни трибини. И ништо повеќе. Зошто нам Вардар ни е потребен за да си ја наполниме душата, срцето, а не џебот. Зошто тоа нам ни е душевна храна, а не јастозите и бивтеците од базата во Хиподром, која што патем е затворена за ФК Вардар во моментов.  А вие нема да сте таму (барем се надевам дека нема). И вие и партиските полтрони, кои седнаа во функционерските столчиња па прв пат видоа записник и брисовница, ама и до ден денес не научија зошто служат, па Вардар и до ден денес прави киксови од типот регистрација пререгистрација на играчи. Е од тоа пропати Вардар.

Ова не го пишувам само јас, ова го пишува цело Скопје, генерации вардарови навивачи, бивши, сегашни, идни. Зошто ние немаме друг клуб, тој е. И наш е колку и ваш, помирете се со тоа еднаш, бе вие паразити залепени за Вардар за кој сте убедени дека е ваша лична своина, како да ви е препишана во тестамент од дедо прадедо. Не, не вие. А кога конечно ќе ве снема нека дојдат вистински луѓе, ПРОФЕСИОНАЛЦИ, кои за плата ќе го направат Вардар, ПРОФЕСИОНАЛЕН по теркот на големите клубови повторно ќе го направат голем клуб. Да, фудбалски клуб, а не збирштина од безрбетници кои ќе се однесуваат кон него како на секта и ќе бараат лична карта за влез во просториите. Не тоа не е нашиот Вардар, тоа е вашиот кој за среќа или несреќа повеќе го нема. Вардар е клуб на народот, клуб на навивачите, како што денес и самиот клуб пишува во официјалното соопштение. И ќе биде набрзо. Кога вас ќе ве нема таму.

 

 

 

 

ПретходноУжасен крај на светскиот шампион… доживеал несреќа со хеликоптер па го изеле мечки
СледноМиовски конечно во Абердин (ВИДЕО)