Во вторник во 21 часот на Националната Арена “Тодор Проески“ во Скопје, се игра реванш мечот од 2.квалификациско коло во ЛШ меѓу Шкупи и Динамо Загреб. На првиот меч на “Максимир“ беше 2:2. Нашиот шампион беше одличен, има добар резултат, но реално Динамо уште е фаворит.
Со тоа се сложува и офанзивниот бек на чаирчани Владица Брдаровски, кој за „Спортмедиа“ истакнува.
„Се подготвуваме за тоа што ќе се случи во вторник. Сите ние сме свесни дека ова е историски меч за Шкупи. Со евентуален триумф оваа генерација ќе испише клупска историја. Имаме добар резултат од првиот дуел во Загреб, сепак треба да се знае кој и натаму е фаворит“ вели еден од клучните играчи на чаирчани.
Брдаровски и неговите соиграчи веруваат во себе…
„Јас искрено верувам во чудо, фудбал е тоа, се е можно. Со поддршка од трибините, со малку среќа, со максимално исполнување на задачите на тренерот Седлоски, би можеле до чудо. Зошто да не? Верувајте дека сега Динамо Загреб ќе биде под неверојатно голем притисок. Додека ние ќе треба да уживаме во овој натпревар, да бидеме уште повеќе растоварени, и тогаш сме најопасни. Нека биде спектакл, прекрасно ќе биде да се радуваме на историски успех за Шкупи“ заклучи Брдаровски за „Спортмедиа“.