Македонската младинска ракометна репрезентација успеа попладнево на Европскиот шампионат во Варна да триумфира на селекцијата на Луксембург со конечни 27:23 и на тој начин да се стекне со право да се бори за освојување на петтото место на овој турнир.
Во далеку подобра игра во која нашиот национален тим имаше контрола и резултатска предност во текот на целиот меч, Македонија заслужено се избори за меч во кој ќе се бори за уште подобар пласман на ова ЕП.
Нашиот табор го предводеше Тотиќ со пет гола пред Тодески односно Шулески со по четири, додека Брестовац имаше девет одбрани на голот.
Ривал на Македонија во мечот за петто место ќе биде репрезентацијата што ќе слави на дуелот меѓу Украина и Велика Британија, утре со почеток во 12:00 часот.