Пораз за крај за македонската кошаркарска репрезентација на Европското првенство „Б“ Дивизија кое се одржува во Тбилиси. Избраниците на Никола Василев не успеаја да се издигнат по серијата порази, па во битката за седмото место беа совладани од Бугарија со 64-68 и ја освоија осмата позиција.
Бугарија не беше ништо посебно, но „црвено-жолтите“ беа две-три нивоа под своите можности. Играта беше „умртвена“, онаа искра која ја видовме претходно како да исчезна. Имаа отворен пат кон триумфот, но реализацијата во клучните моменти не беше на нивна страна.
По водството од 5-0 на стартот, Бугарија брзо влезе во ритам, го наметна своето темпо, дојде на плус осум (9-17), но на голема среќа веднаш не зеде залет, по првата четвртина бепе 21-21. Во вториот период водството се менуваше, со тоа што пред полувремето противникот со серија од 6-0 поведе со 36-43, а веќе на стартот на последната четвртина со 53-63.
Се мачеа нашите кошаркари, шанси имаа колку сакаат, но беа крајно непрецизини, како првпат да имаат контакт со топката. Во една ваква игра успеаја да се разбудат, со серија од 6-0 доближија на 64-67 на десет секунди до крајот. Хот промаши две слободни фралања, Костадинов на другата страна казни од истата позиција за 64-69.