Многу веројатно е дека по завршувањето на летниот настап во Европа на екипата на Шкупи, а ние се надеваме дека ќе потрае и цела есен, Сандеј Адетунџи ќе направи голем трансфер. За Нигериецот, кој е прва „ѕвезда“ на Шкупи и најдобар стрелец и играч во ПМФЛ за минатата сезона, како што дознава “Спортмедиа“ еден од најголемите хрватски клубови, НК Осијек доставил понуда до чаирчани од цели 900.000 евра. Секако дека за наши услови ова ќе биде супер трансфер, еден од најголемите во историјата на некој наш клуб.
Сепак, има тука едно но. Раководството на Шкупи нема намера да го продаде својот “бомбардер“ за помалку од 1.000.000 евра, не сака ниту да чуе дури ни за едно евро помалку.
Исто така во редот за ангажман на Сандеј Адетунџи се наоѓа и Ријека, уште еден голем клуб од Хрватска.
Значи останува овие два клуба да достават понуда вредна 1.000.000 евра, па дури тогаш може да го носат Сандеј во Хрватска.
Како што дознаваме пред некој ден Шкупи одбил 600.000 евра за Сандеј од еден клуб од Египет.Исто така покрај Осијек и Ријека, голем интерес за Нигериецот пројавуваат Брага (Португалија), Гент (Белгија), Гиресунспор (Турција).
Со ова Шкупи уште еднаш покажа како се работи во фудбалот, само да се потсетиме дека пред извесно време чаирчани го продадоа Дембо Дарбо за 800.000 евра во Шахтјор Солигорск (Белорусија).