Своевремено неповторливиот и единствен Ванчо Таковски попознат како Бате Ване, алфа и омега во најдобрите времиња на струмичка Беласица кога станува збор за самостојна Македонија, за Сашко Пандев ќе каже дека е поголем талент од брат му Горан Пандев и дека не само што ќе ја достигне неговата кариера, туку и ќе ја надмине. Неговиот трансфер од Беласица во Динамо Загреб беше сериозен чекор во кариерата на Сашко, која за жал не ја достигна височината на онаа на Гранде Пандев. Години потоа, Сашко сега веќе на залезот на кариерата во својот тим Академија Пандев повеќе како авторитет, а помалку како главен играч и се подготвува за пост фудбалскиот живот што се вели.
Тој истиот Динамо Загреб денеска од 21:00 часот на Арената Тодор Проески во Скопје го игра реванш дуелот против нашиот шампион Шкупи, чиј што тренер е Гоце Седлоски. Популарниот Седло токму својата тренерска кариера ја започна во Хоризонт Турново, а Сашко Пандев беше главен напаѓач.
„Фала што се сети на мене легендо. Ете и јас по стари фудбалски години, хаха, да почнам да се присетувам на некои други времиња. Динамо Загреб е неизоставен дел од мојата кариера. Приказна која требаше да има што се вели и можеби поинаков крај, но ете тоа е мојата приказна и ја се гордеам што бар во еден дел од мојата кариера имав можност да делам соблекувална со еден Лука Модриќ. Со еден Дејан Ловрен, со еден Ведран Чорлука. Светски фудбалери до ден денес. Со еден Бошко Балабан, Давор Вугринец,Томо Шокота. Кога јас си заминав веднаш беше доведен Марио Маџукиќ. Зборуваме за имиња, за играчи со титули од најсилните лиги, и со пехари од Лигата на Шампионите. Здравко Мамиќ во својата полна снага. Направи од тој клуб сериозен фактор во Европски рамки. Клуб кој се прашува многу, кој е авторитет. Кој има свој играч во речиси сите европски великани. Тоа е машинерија која „гази“ веќе со децении може да се каже. На тој клуб му нема рамен на Балканот во моментов. Еве гледаме сите сега дека Црвена Звезда да речеме нешто го крена своето ниво, резултатски и играчки, но Динамо и натаму е број еден. – вели братот на нашиот најдобар фудбалер Горан, Сашко Пандев.
Седлоски е легенда, и во Македонија и во Динамо
Фудбалската кариера на Гоце Седлоски е обележана со настапите во Динамо Загреб најмногу, и секако во репрезентацијата на Македонија каде што е рекордер. Првиот тренерски испит за Седлоски беше тимот на Хоризонт Турново, каде што Сашко Пандев во тој момент беше играч број еден.
„Гоце е легенда. Во секаков фудбалски смисол на зборот. Капитен на Динамо со години, капитен на Македонија со децении. Не треба јас да потврдувам што значи Седлоски за клубот од Загреб. Икона. Како играч борбен, бескомпромисен, дрзок. Ист и како тренер. Гоце е фанатик. Не сака да губи ни на тренинг. Роден победник што се вели. Пораз не е опција за Седло. Напротив, тој и на тренинг всадува победнички менталитет. Знае да мотивира, знае да погоди како да се однесува колективно спрема тимот, но и поединечно со играч. Се виде уште на почетокот дека Седлоски има капацитет за големи нешта како тренер и еве тоа се покажува и сега.
Шкупи не случајно даде два гола во Загреб. Лично сметам дека Динамо е фаворит не е тоа некаква тајна. Динамо е екипа која вреди милиони во десетици, има екстра квалитетни играчи, конкуренција на секоја позиција. Но далеку од тоа дека лесно ќе мине вечер во Скопје, напротив. Шкупи има сила, и капацитет според мене да направи уште едно изненадување како и во Загреб. Ќе повторам, не се даваат така лесно два гола на Максимир. Бевме сведоци на секакви мечеви годиниве на тој фудбалски храм. Па таму паѓале, европски великани како Арсенал на пример. – вели Сашко Пандев па продолжува.
Фудбал е во прашање и се е можно
„Секој во денешно време може секого да победи и буквално се е можно. Секојдневно сме сведоци на сензации, на големи победи на мали екипи. Сигурен сум дека вечер не чека спектакл, дека Динамо предводен од нашите Ристовски и Адеми, екстра играчи и уште подобри луѓе, наши пријатели ќе направат се за да Динамо оди понатаму. Ама, Шкупи од друга страна има екстра тим според мене, нема слаба карика. Почнувајќи од нашите Наумовски и Брдаровски, и до еден погодените странци. Нема промашување. Тоа е и силата на Шкупи. Има за наши но очигледно и за меѓународни стандарди многу добра екипа. Тоа е до парите, до финансиите, неопходни да функциинирање на еден клуб, на ова ниво, и драго ми е што е така. Што уште еднаш дочекавме Динамо Загреб да пристигне во Скопје со сета своја сила и да се обиде да се справи со предизвикот пред себе“ – поентира Сашко Пандев.